Во присуство на многубројна домашна и странска публика, учесниците на шоурумот „Обединета мода ЈИЕ“ ги презентираа новите колекции за есен-зима 19/20, во рамки на најголемиот моден настан во метрополата.
Како член на меѓународната асоцијација што го спроведува проектот „Обединета мода“, 19. Моден Викенд Скопје им посака добредојде на низа растечки модни марки од седумнаесет европски земји. Нивните последни креации беа изложени на промотивните штандови во зградата на Европскиот универзитет.
Освен од земјата домаќин, медиумските гости и интернационалните купувачи имаа единствена можност, одблизу да се запознаат со работата на дизајнерите и брендовите од Белгија, Германија, Португалија, Франција, Романија, Латвија, Естонија, Грција, Турција, Бугарија, Словенија, Хрватска , Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија и Косово.
За време на свеченото отворање, гардеробата им се пресели од закачалките на модната писта, како дел од заедничкиот перформанс што ги обедини нивните различни естетски визии. Стајлингот за пригодата го направи Јована Зука, вклучувајќи парчиња од: Andra Handaric, Arthropoda, Chic Utility, Concepto, Cristina Real, Diana Arno, Dragana Mihajlovic, Ece Ozalp, Evgenija Zafirovska, Faulhaber Products, Hanfaz, Kokoro, Ksenija Kotev , Lila Style House, Lommer, Marija Kulusic, Marko Feher, Mateyaneira, MLS – Marie Laurence Stevigny, Oh Suzy!, One Wolf, Red Juliet, Rosica Mrsik, Senem Unal, Tanja Christiani, The Mannequin Collection, Toos Franken и Vesa Gruda.
Главната цел на проектот „Oбединета мода“ во Скопје беше промоција на модните дизајнери од Југоисточна Европа (ЈИЕ) пред интернационалните купувачи и претставниците на медиумите, како и поврзување на дизајнерите од Европската унија со македонските фабрики.
За таа намена, активностите вклучуваа претставување на ЈИЕ пазарот од страна на професионалците во индустријата, презентации од селектирани локални производители, посета на фабрики и состаноци помеѓу дизајнерите учесници и локалните производители.
Освен Моден Викенд Скопје, европските здруженија за поддршка на модната индустрија кои земаат учество во проектот „Обединета мода“ се: MAD Brussels Fashion and Design Platform (Белгија), Flanders DC (Белгија), ModaLisboa (Португалија), Baltic Fashion Federation (Латвија), Maison de Mode (Франција) и Fashion Council Germany (Германија).
„Обединета мода“ доби поддршка од програмата Creative Europe на Европската унија.
Photo: AD Photography
Video: Marina Trajkovska
Camera: Boris Ralev