Дваесеттата сезона на најголемото домашно модно случување се одржа од 1 до 3 ноември во Музејот на град Скопје, приклучувајќи се кон прославата на 70-тиот јубилеј на овој монументален објект во метрополата.
Под слоганот „десет години заедно – приказната продолжува“, Моден Викенд Скопје навлезе во втората декада од своето постоење. Честа да го отвори настанот ѝ припадна на дизајнерката Ирина Тошева, која го држи рекордот по број на учества во изминатите десет години. Стартот на викендот го означи со зимската колекција „REM“, чиј појдовен мотив е ликовното творештво и надреализмот.
По неа следуваа „Five o‘clock in the afternoon on a November day“ со потпис на Кренаре Ругова од Косово, како и ревискатапрезентација на SIGMA Jewelry, брендот за луксузен накит и префинети модни додатоци. За сите обожаватели на концептуалниот дизајн, наградуваната платформа ИВАН АСЕН 22 од Софија, приреди спектакуларно визуелно доживување, со мултимедијален приказ на инсталацијата „+7 HOURS“.
Наредниот ден сите патишта водеа најпрво кон Железничката станица, од каде перспективнoто име Теодора Митровска ги испрати посетителите на модно патување низ минатото со колекцијата „20.18“. Креациите инспирирани од времето на стара Југославија носталгично оживеаја низ авангардно сценско шоу во синиот воз на Јосип Броз Тито.
Програмата во Музејот на град Скопје продолжи со бугарскиот современ и алтернативен бренд Jar & Jam, чии лимитирани парчиња облека во нијанси на бонбони, наменети се за сладокусците со младешки и игрив дух. Од друга страна, модната визија на младата дизајнерка Зана Алиу со колекцијата „La Nuit“ беше да покаже зошто црната боја е совршена хармонија на елегантното.
Првите чекори на домашната сцена ги направи Мила Спасовска под етикетата Јамуна, дебитирајќи со самостојната колекција „Текстура на умот“. Потоа се одигра заедничкиот перформанс на талентираните учесници од проектот „Нитка“ на модната писта.
Дека на македонската мода ѝ претстои светла перспектива, последниот ден посведочија и студентите од „Џолев и уметностите”, преку групна ревија во која се преточени индивидуални дизајнерски приказни под менторство на професорот Никола Ефтимов.
Наталија Терзија ја промовираше нејзината минималистичка и комфорна, линија за спортско-гламурозна облека „Terziyamovement“. Како претпоследна, имагинацијата за есен-зима 19/20 пред публиката ја прикажа и Сара Реџиќ. Крајот беше резервиран за колекцијата „E!Motion“ на „Go by Olgica Gjorgieva“.
Теодора Митровска
Теодора Митровска
Кренаре Ругова
Ivan Asen
Jar & Jam
Go by Olgica Gjorgieva
Џолев и уметностите