Синоќа беше свечено презентирана најновата колекција „Циклус/Cycle“ од модната дизајнерка Мирјана Јосифоска во просториите на „Јавна соба“.
Мирјана Јосифоска е млада модна дизајнерка со повеќегодишно искуство во изложби на своите креации. Позната е по своите рачно изработени шапки коишто ги изработува со занаетчиски техники на видно уникатен начин. Материјалите што ги користи се исклучиво одржливи, етички, од природно потекло, рециклирани и произведени во Македонија.
Поголемиот дел од шапките се создадени од 100% волна или материјали од природно потекло како свила, лен, памук и вискоза. При креација на модните додатоци материјалите ги користи максимално, а останатиот отпад се рециклира и употребува за врквите со коишто се пакуваат шапките. Како дизајнерка која одлучно се обидува да ја покаже важноста на работата со одржливи и еколошки дизајни, овој пристап на работа дополнително ја поткрепува нејзината дизајнерска филозофија и циркуларноста кај текстилот.
Своите почетоци ги има изградено со креирање неколку шапки за нејзината прва колекција „Спомен на еден град“. Како што изминувале годините, така растел интересот и вложеноста кај секоја следна колекција. Сепак, она што нам ни е фасцинантно е нејзината неисцрпна мотивација. Па како што и самата имаше речено: Инспирацијата секогаш ја црпам од работи кои се лично блиски до мене, како настани, личности или историски теми, така оваа четврта нејзина колекција „Циклус/Cycle“ ги следеше стапките на македонскиот народен фолклор.
Македонската историја со себе носи големо богатство, а пропознатливата македонска народна носија е само одлика на она што минатото има да го раскажува. Токму затоа, оваа колекција е сплет од народното творештво претставено низ модернистичка призма.
На изложбата можевме да видиме 10 модела, 7 шапки и 5 модни додатоци за коса во бела, зелена, црвена, сина и црна боја. Ова се боите што можат да се најдат на македонската народна носија, а тие вечерта ги обоија и просториите на „Јавна соба“ и го раскажаа своето значење. Па така, видовме два модела во бела боја – невиност и почеток, два во зелена боја – среќа и плодност, два модела во црвена боја – љубов, војна и крв, два модела во сина боја – лојалност, меланхолија и тага, и два модела во црна боја – смрт и крај. По овој редослед е претставен и еден циклус – циклус на животот. А оттаму и името што го носи оваа колекција „Циклус/Cycle“.
Вистински полн погодок на ревијата беше и најновиот модел на шапка и додаток за коса „Дениција“. Истоименото дело на Петре М. Андреевски беше и основниот мотив и мотивација за ова парче. Она што придонесе на целиот амбиент беше и Марија Кондовска и нејзиното поетско читање на 5 песни од стихозбирката на Петре М. Андреевски за време на ревијата. Музика S.A.M.
Нешто подоцна, за време на изложбата, имаа можност да ги пробаат модните парчиња и да уживаат во добра дружба и по некој коктел. Овие настани нѐ потсетуваат и воедно ни укажуваат за важноста на историјата, модата, еколошката свест и напорната работа.
За шминката на манекенките се погрижи Школата за Убавина Арт, додека за прекрасната фризурасе заслужни студентите на средното училиште „Димитар Влахов“. Моделите се дел од модната агенција „Подиум“, а како дел од нивниот изглед беа и биоразградливите хулахопки Four Twenty Two.
Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.
За фото продукцијата беа задолжени Меланија Николовска.