На своето шеснаесетто издание, во октомври 2017 година, Моден Викенд Скопје ја поддржа глобалната кампања #Stopthetraffik и #GlobalBlanket покрената од британската огранизација „STOP THE TRAFFIK“, придружувана од Националната Kомисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, Македонија.
Желбата да се сменат нештата во текстилната индустрија и неверојатната иницијатива да се соберат милион квадрати од рециклирани парчиња текстил со кои ќе биде сошиена „глобална прекривка“ на свеста за нас беше предизвик на кој со задоволство одлучивме да му се приклучиме. На #GlobalBlanket иницијативата се придружија и дизајнерите учесници со уникатен дизајн кој го испечативме и на маици за поголема видливост на поддршката која ја даваме.
Магдалена Несторовска, Национален координатор за борба против трговија со луѓе и илегална миграција посочи дека „Оваа кампања е наменета како на работниците така и на работодавачите во текстилната и модната индустрија, со цел да ја препознаат трговијата со луѓе како форма на организиран криминал, која воедно претставува грубо кршење на човековите права, и правата на работникот, искористувајќи ги лицата како работна сила со употреба на несоодветни средства и методи како што е присила, измама или злоупотреба на нивната ранлива пололба и тешка економска ситуација, а со цел нивно експлоатирање во насока на остварување огромен профит. “.