Новиот урбан едиторијал претставува кулминација на проектот „Обединета мода“ што се одвиваше во рамки на неодамна одржаното деветнаесетто издание на Моден Викенд Скопје.
Последните три мартовски дена, Скопје беше горд домаќин на дваесет и осум интернационални дизајнери и брендови, кои премиерно ги изложија колекциите за есен-зима 19/20 пред посетителите на шоурумот „United Fashion SEE“, предизвикувајќи лавина од позитивни реакции меѓу домашната и странската публика на настанот.
Освен на промотивните штандови во зградата на Европски универзитет, парчињата на претставниците од седумнаесетте различни земји за момент „оживеаа“ и на модната писта, како дел од заедничкиот перформанс што го погледнаа присутните купувачи, медиуми и гости на Моден Викенд Скопје.
Впечатливите европски креации најпосле се преселија и на добро познатите и знаменити локации во метрополата, како што се студентскиот дом „Гоце Делчев“, тврдината Кале, потоа Музејот на современата уметност, како и Македонската опера и балет. Идеен творец на едиторијалот е фотографката и стилистка Јована Зука.
„На изминатиот Моден викенд имавме исклучителна можност да видиме колекции од дваесет и осум навистина посебни дизајнери на United Fashion SEE шоурумот. Исклучителна беше и можноста да се фотографира и стилизира еклектичниот микс на дизајнерски парчиња и да се создаде едиториал чија цел е претставување на шоурумот. Бирајќи неколку локации кои се за мене меѓу најмаркантните и визуелно најинтересните во Скопје, сакав да ги ставам интернационалните парчиња во впечатлив локален контекст, на места кои се за мене најинспиративни во овој град.“
Монументалните архитектонски градби и околината се покажаа како совршена позадина за шареноликата естетска визија на модните марки од Белгија, Германија, Португалија, Франција, Романија, Латвија, Естонија, Грција, Турција, Бугарија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија и Косово.
Главната улога пред објективот на Јована Зука им припадна на манекенките Миа Симоновска и Симона Ангеловска, чија фризура и шминка е дело на Даниел Артевски и Васе Доковски од студиото Beauty Hub 202. Официјален партнер и омилен избор за чевли на Моден Викенд Скопје останува Bellmondo Shoes.
Дел од проектот „United Fashion“ се и европските здруженија за поддршка на модната индустрија: MAD Brussels Fashion and Design Platform (Белгија), Flanders DC (Белгија), ModaLisboa (Португалија), Baltic Fashion Federation (Латвија), Maison de Mode (Франција) и Fashion Council Germany (Германија).
„Обединета мода“ ја доби поддршката од програмата „Creative Europe“ на Европската унија.