На 28 март 2026 година, во рамки на Fashion Weekend Skopje, се одржа јавен разговор посветен на еден од најитните, но често занемарени еколошки предизвици – микропластиката. Настанот беше реализиран како дел од иницијативата MISSION4WATER, која има за цел да поттикне иновации и соработка за справување со загадувањето на водите.

Разговорот за микропластиката ја отвори темата што индустријата често ја заобиколува. Со учество на Наташа Сивевска – извршна директорка на Текстилното трговско здружение – Текстилен кластер, и проф. д-р Гордана Вренцоска од Европскиот универзитет Скопје, дискусијата го помести фокусот од симптомот кон системот: каде точно настанува проблемот, кои решенија веќе постојат и како дизајнот може да интервенира уште во својата најрана фаза.

Преку мултидисциплинарен пристап, говорниците ја истакнаа улогата на текстилната индустрија, дизајнот и науката во креирањето одржливи решенија. Посебен акцент беше ставен на потребата од рана интеграција на еколошките принципи во процесот на дизајн, како и на соработката меѓу различни сектори.

Темата „MISSION4WATER: Collaboration for Sustainable Textile Production“ го отвори и поширокиот контекст на одржливото текстилно производство, со посебен фокус на улогата на дизајнот како клучна почетна точка за намалување на еколошкото влијание. Беше нагласено дека иновациите во материјалите, производствените процеси и циркуларните модели можат значително да придонесат кон намалување на емисијата на микропластика. Притоа, партнерствата меѓу индустријата, академската заедница и технолошките компании се препознаени како неопходни за развој и примена на нови решенија, додека современите технологии – како напредни филтрациски системи, еко-дизајн алатки и дигитални платформи за следење на животниот циклус на текстилот – отвораат нови можности за поодржлива и поодговорна текстилна индустрија.

MISSION4WATER е иницијатива насочена кон зајакнување на иновациите кај малите и средни претпријатија (SMEs) во Адриатско-јонскиот регион (IPA ADRION), преку соработка меѓу академијата, индустријата, владата и граѓанското општество.

Настанот уште еднаш ја потврди важноста од отворање на дијалог и за теми кои долго време остануваат на маргините, но имаат суштинско влијание врз животната средина и иднината на индустријата.