Дванаесеттиот Моден викенд Скопје почнува на 21 октомври под мотото „Модата и културното наследство“, во Музејот на Македонија. Настанот ќе го отвори модна изложба составена од финалните дела произлезени од неколкумесечниот проект „Модата и културното наследство“, додека ревијалниот дел стартува ден подоцна и ќе трае се до 25 октомври.
– Од насловната страница може да се забележи дека сѐ е во духот на културното наследство. Сакавме сѐ она што се случувало низ епохите да му дадеме печат во денешницата – вели во интервју за „РепубликаТВ“ Марија Илиќ, одговорна за односи со јавност на Модниот викенд Скопје.
На 22 октомври, посетителите на Моден викенд Скопје ќе имаат можност да ја видат ревијата на Игор Марков во Музејот на Град Скопје. Последните три дена ( 23, 24 и 25 октомври) ќе се одвиваат во Музејот на Македонија, кадешто ќе ги видиме најновите колекции на Јована Филиповиќ, Елена Спасовска , познатата косовска дизајнерка Венера Мустафа , турскиот моден бренд „Kigili“ , Митко Занов, Ирина Тошева, Роберт Ивановски, Кристина Цветковска, Олгица Ѓоргиева и првпат во Македонија руската модна куќа „ N by Z“.
– Треба да се видат сите ревии, тоа е мојата препорака. Сѐ е ново, но сметам дека дефинитивно не смее да се пропушти се гостите од странство. Условно кажано, се создаде некаква предрасуда дека гостите од Косово и Албанија носат поекстравагатни колекции на Модниот викенд. На пример, Венера Мустафа има исклучително модерен дизајн – вели Илиќ.
Концепт-дизајнот за визуелниот имиџот на Моден викенд Скопје 12 го потпишува блогерката Јована Зука.
Во текот на целиот Моден викенд во Музејот, првпат ќе се случува “Lotus Cozy Cinema”. Освен краткиот филм „ Четврток“ на Милчо Манчевски, ќе бидат прикажани и други македонски кратки филмови поддржани од Aгенцијата за филм на РМ и проекции на модни филмови од програмата „Dressing the Screen“ обезбедена од Британски совет во Македонија.