Како древното занаетчиство може да преживее во современиот свет?
На иницијатива од македонското модно здружение „Концепт Моден Кластер“, практични одговори на ова прашање понуди групата млади таленти: Дана Ќосева, Мирјана Јосифоска, Хозе Белмонте, Радица Лазова, Катерина Димитрoвска и МаријаСтојановска, кои изразија волја да учат, експериментираат и се усовршат во ним сосема непозната сфера – плетењето.
Реализацијата на проектот „Нитка“ започна со тридневна работилница под менторство на дизајнерката Ирина Тошева. Со посветеноста и помошта од Здружението на жени „Цвет Крушево” и Светлана Димитријевиќ, шестмината научија различни техники на плетење, коишто ги преведоа на модерен начин во нивните дизајни.
Во наредните две седмици ги сплотија различните визии и рачно сплетоа оригинални модели, работејќи индивудуално и во тандеми. Публиката од земјата и странство имаше прилика да ги види премиерно во рамки на дваесеттото јубилејно издание на Моден Викенд Скопје.
Финалните производи беа презентирани со групен сценски перформанс, одржан на 2.ноември во Музејот на Град Скопје. Проектот „Нитка“ доби финансиска поддршка од Министерството за економија на Република Северна Македонија во 2019.