Дваесеттата сезона на најголемото домашно модно случување ќе се одржи од 1 до 3 ноември во Музејот на град Скопје, приклучувајќи се кон прославата на 70-тиот јубилеј на овој монументален објект во метрополата.
Под слоганот „десет години заедно – приказната продолжува“, Моден Викенд Скопје ќе навлезе во втората декада од своето постоење. Честа да го отвори дваесеттото издание на настанот ѝ припадна на дизајнерката Ирина Тошева, која го држи рекордот по број на учества во изминатите десет години.
Стартот на викендот ќе го означи зимската колекција „REM“ со нејзин потпис, чиј појдовен мотив е ликовното творештво и надреализмот. Изработката е со еколошки материјали од банана и пченка, како алтернатива за памукот. Таа е дел од поддржаните проекти од национален интерес за 2019 година од Министерството за култура.
По неа следуваат ревиските презентации на Кренаре Ругова, добро позната и секогаш добредојдена гостинка од Косово, како и брендот за луксузен накит и префинети модни додатоци SIGMA Jewelry. За обожавателите на концептуалинот дизајн, пак, наградуваната платформа ИВАН АСЕН 22 од Софија, ќе приреди спектакуларно визуелно доживување, со мултимедијален приказ на инсталацијата „+7 HOURS“.
Вториот ден сите патишта водат најпрво кон Железничката станица, од каде перспективната Теодора Митровска ќе ги испрати посетителите на модно патување низ минатото, во соработка со брендот за обувки ARTHUR’S shoes. Креациите инспирирани од времето на стара Југославија, со нови текстилни техники и неконвенционални материјали, носталгично ќе оживеат низ сценско шоу во синиот воз на Јосип Броз Тито. Колекцијата е машка, со тенденција да ги урне родовите бариери.
Програмата во Музејот на град Скопје продолжува со ревија на бугарскиот современ и алтернативен бренд Jar & Jam, чии лимитирани парчиња облека во нијанси на бонбони, наменети се за сладокусците со младешки и игрив дух. Од друга страна, модната визија на младата дизајнерка Зана Алиу е оваа сезона да покаже зошто црната боја е совршена хармонија на елегантното.
Првите чекори на домашната сцена вечерта ќе ги направи Мила Спасовска под етикетата Јамуна, дебитирајќи со самостојната колекција „Текстура на умот“, која дефинира стихија на сопственото јас. Потоа на модната писта ќе се одигра заедничкиот перформанс на талентираните учесници од проектот „Нитка“, кои научија различни техники на плетење и истите ги преведоа на модерен начин во нивните дизајни. Со финансиска поддршка од Министерството за култура, во рамките на манифестацијата „Нов културен бран“, занаетчиството повторно оживува кај младите.
Дека на македонската мода ѝ претстои светла перспектива, третиот ден ќе посведочат и студентите од Академијата за Моден Дизајн во склоп на „Џолев и уметностите” и „Сеавус Едукативен и Развоен центар”, преку групна ревија во која се преточени индивидуални дизајнерски приказни под менторство на професорот Никола Ефтимов.
Наталија Терзија премиерно ќе ја промовира линијата за sport-glam облека „Terziya movement“, проткаена со минималистички комфор и доза на футуризам. Како претпоследна, имагинацијата за есен-зима 19/20 пред публиката ќе ја прикаже и Сара Реџиќ. Крајот е резервиран за колекцијата „E!Motion“ на „Go by Olgica Georgieva“, поддржана од Merz Spezial, козметичката линија за убавина, чија палета на производи гарантира целодневна нега, свежина и здравје на кожата, косата и ноктите.
Десетта година по ред, градот пулсира во ритамот на Моден Викенд Скопје, благодарение на мноштвото покровители и пријатели на настанот. Во чест на дваесеттиот јубилеј, ќе се наздравува со Johnnie Walker Highballs, квалитетните македонски вина на Vizba Valandovo Winery, како и традиционалната жолта ракија од Antika 5. За страствените љубители на кафе, пак, официјален топол напиток е Essse coffee.
Музејот на град Скопје ќе се преобрази во оаза на гламурот со ексклузивните дизајнерски парчиња мебел и аксесоари од KARE Macedonia. За сигурен и комфорен авио транспорт на специјалните гости од странство ќе се погрижи компанијата Qatar Airlines. Нудејќи им елитно сместување со пет ѕвездички и врвна услуга, хотелот ARKA ќе ги пречека во ултра модерни соби во старото јадро на градот. За безбедноста на сите посетители на настанот, секогаш присутен е и професионалниот тим од MDN обезбедување.
Занесниот изглед на манекенките му е доверен на брендот Revlon Professional во соработка со Bube Studio IN, како и партнерот за шминка Kryolan во соработка со визажистите од школата за убавина Art. Fit Family е тука да ги насочи и им ги подобри животните навики, како би се чувствувале удобно и самоуверено, затоа што грижата за сопственото здравје е од примарна важност за секого. За чиста и зачувана гардероба – препораката на Моден Викенд Скопје е брендот Perwoll.