Здраво на сите,
Се радуваме да Ви ги покажеме најдобрите моменти од осумнаесеттото Моден викенд Скопје. Четирите денови на модата се одржaa од 1 до 4 ноември 2018 година на ексклузивната локација F.A.M.E’S и Скопје Мериот Хотел. Горди сме што како и секое и ова издание покренавме нова иницијатива во Македонија, нашиот проект #Sustainablestorymk. Започнавме да ја раскажуваме приказната за одржлив дизајн, употреба на нулта-отпад и покажавме како од текстилен отпад се добиваат уникатни креации.
Но да почнеме од почеток!
ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА КОЛЕКЦИИ
Оваа сезона презентиравме петнаесет нови колекции, нови уникатни ремек-дела кои предизвикаа големо внимание кај публиката и претставниците на медиумите. Осумнаесеттото издание го отвори познатата дизајнерка Лидија Георгиева која со својата колекција одбележи дваесет години работење во Париз и Македонија. Од познатите имиња ги видовме и колекциите на Ирина Тошева, Силвија Михајловска од ателјето Алшар кое славеше десет години од своето постоење и Олгица Ѓоргиева. Еден од најпознатите брендови за италијански накит Sigma jewelry ги донесе своите нови парчиња токму на Моден викенд Скопје.
Секоја сезона имаме дизајнери со кои го обединуваме регионот и ја носиме Европа кај нас. Овој пат тоа беше KRENARERUGOVA на талентираната дизајнерка Кренаре Ругова која се школуваше во Њујорк и Париз а своите креации ги продава на повеќе пазари низ Европа. Ново на нашиот Моден викенд беа и раскошните фустани на Matrons dresses.
#Sustainablestorymk
Дизајнот од нула отпад всушност не е нова технологија или материјал. Тоа е нов начин на размислување – филозофија која те тера да ги оспориш постоечките техники и да станеш покреативен дизајнер. Затоа со нашите млади креативци под менторство на дизајнерката Ирина Тошева, ја креиравме нашата одржлива приказна #Sustainablestorymk.
Поставувањето на различни парчиња облека како сложувалка со различни техники придонесува да нема ткаенина која е залудно потрошена а добивате ново уникатно парче кое повторно може да се носи. Освен заштитата на животната средина на овој начин добивме и нови unikatni форми на модата.
На капсулните колекции изработени од текстилен отпад работеа Емануела Трајческа, Сара Реџиќ, Ева Зарезанкова, Натали Наумова ,Радица Лазова, Катерина Димитровска, Мирјана Јосифоска и Дана Ќосева под менторство на дизајнерката Ирина Тошева игостинките од Велика Британија односно талентираната дизајнерка Ана Скодбо и една од водечките британски стилистки Ребека Рој. Гостинките кои долго време работат на одржлива мода, на младите дизајнери им предаваа за техниките за бавно производство, одржливи ткаенини, сертифициран органски памук, производство на нула отпад, вегански материјали и етички услови за производство .
Целиот проект го реализираше Моден викенд Скопје со несебичната поддршка од Македонско Модно Здружение, Министерството за економија на РМ, Министерството за култура на РМ , Британскиот совет како и партнерите „Текстилното трговско здружение- Текстилен кластер –Македонија“ во соработка со фабриките „Okitex“, „La dama“, „Bella“, „AFG“ и „Istkomerc Sanda“, „Monika“, Академијата за моден дизајн „Џолев и уметностите“ и „Сивус едукативен и развоен центар“.
МЛАДИ ДИЗАЈНЕРИ
Велат дека светот останува на младите а со младите креативци кои ги имавме кај нас веруваме дека модната иднина ги чека со раширени раце. Теодора Митровска која своето образование го заврши на Универзитет во Лондон по отворањето на Riga fashion week својата колекција ја претстави и кај нас. Креативноста која ќе посакате и да ја видите и да ја носите е преточена во Error Kolektiv и нивните три брендови: ATAMI, Em Ellephantski и [0.10] error of harmony. Александра Јовановска која веќе десет години креира најразлични креации, на наше задоволство ги одбра најдобрите парчиња и ги претстави во една колекција. Студентите од Академијата за моден дизајн Џолев и уметностите (Сивус едукативен&развоен центар) ги прикажаа завршните колекции на кои работеа под менторство на познатите дизајнери Никола Ефтимов, Никола Булески-Буле.
НАШИТЕ ГОСТИ
Моден викенд Скопје кој се одржува два пати годишно со оваа сезона ја заокружи својата девета година. На ова осумнаесетто издание во F.A.M.E’S и Скопје Мериот Хотел не посетија над 4000 љубители на модата, професионалнци од индустријата, ВИП личности и купувачи. Со нас 4 дена се дружеа над 100 преставници на медиумите, новинари, фоторепортери и блогери.
АЈДЕ ДА СЕ ПОВРЗЕМЕ
Како единствен настан од ваков вид во Скопје кој се одржува два пати годишно, FWSK на едно место презентира локални и меѓународни модни дизајнери, образовни институции, медиуми, купувачи, потрошувачи и други модни професионалци кои ја презентираат својата работа, разменуваат идеи и ја зајакнуваат модната сцена.
FWSK организира модни ревии, изложби, предавања, церемонии за наградување, настани за вмрежување, дебати и забави. Особено внимание секоја сезона се: работењето и развојот на млади таленти во балканскиот регион.
Иницијативите што ги имаме зад нас во изминатите девет години, ни даваат уште поголема мотивација за промовирање на работата на македонските модни практичари. Се надеваме дека ќе ги поврземе дизајнерите, компаниите, владите и образовните институции во модата и текстилот, како и публиката со овој заеднички труд. Новата иницијатива е во потрага по почиста и поодржлива модна индустрија.