На 29.03.2023 г. во 13:00 часот во просториите на НУЦК “Бели мугри” – Кочани (Фоаје 2) официјално ќе биде отворена изложбата на проектот „Земјоделските остатоци како текстилна и дизајн суровина во општина Кочани”.
Здружението на граѓани за културно-уметнички дејности „ОДОНАТА”- Кочани, во партнерство со Македонското модно здружение- Скопје, заедно со повеќе од 20-тина млади учесници, уметници, истражувачи, ментори, дизајнери и креативци кои помогнаа во реализацијата на овој одличен проект, ќе го прикажат продуктот на трудот од изминатите неколку месеци, подрзабирајќи продукти, уметнички дела, креации, прототип-дизајни изработени од оризови остатоци: оризова арпа, оризова слама, оризово брашно.
Инспирирани од идејата да создадеме иновативна и еко-одржлива уметничка практика, оригинални продукти од оризови остатоци и континуирано да го продолжиме ова истражување и неговата пракса и по завршувањето на проектот, благодарни сме на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Општина Кочани, за финансирањето на овој проект, како и за континуираната поддршка и соработка во текот целокупното траење на проектот.
Преку разни практични и теоретски работилници и истражувања, на учениците од локалните училишта СОУ „Љупчо Сантов”-Кочани и ОУ „Малина Попиванова”-Кочани покажавме како можат да се развијат нови дизајни на производи од оризовиот отпад како главен предмет на истражување. Со умешност и иновација, покажаме на каков начин може да се искористи потенцијалот на земјоделскиот отпад како алтернативна суровина во уметничката пракса, производството и дизајнот.
Носителите и партнерите на проектот, во текот на осуммесечниот период на работа, заедно со учениците успешно се впуштија во изработка на уметнички и естетски издржливи дела, креации и продукти, како што се: оризова хартија, изработка на маси, столчиња за деца, модни креации, сувенири со мотиви од општина Кочани- со концентрирана тематика на оризовите остатоци.
Преку проектот, не само што се подига свесноста за важноста на заштитата на животната средина, циркуларната економија, креативната индустрија и агрикултурниот сектор, туку се влева поддршка на малцински групи, меѓусекторка соработка и промовирање домашни проекти кои придонесуваат кон европските вредности и перспективи.
Проектот „Земјоделските остатоци како текстилна и дизајн суровина во општина Кочани” на Здружение на граѓани за културно-уметнички дејности Одоната, Кочани, во партнерство со Македонското модно здружение од Скопје се спроведува во рамки на „Регионалната програма за локалнадемократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2″, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Општина Кочани.
Едукативните активности се поддржани од Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е, проект поддржан од владата на Швајцарија и имплементиран од Хелветас.
Голема благодарност до: Општина Кочани, Фабрика за ориз „БМФ”- Зрновци, г-дин Зоран Тодоров „ЗА ЗДРАВ ЖИВОТ ВО КОЧАНИ”, УКИМ Земјоделски институт – Кочани, СОУ „Љупчо Сантов”- Кочани, ОУ „Малина Попиванова”-Кочани.
Фото: Ани и Дими
Дизајн на постер: Габриела Митева