За време на модната недела во Рига (Riga fashion week) која се одржа од 24 до 26 октомври 2018 година во Латвија во организација на Балтичката федерација на модата (Baltic Fashion Federation), свое учество имаше и „Обединета мода“ (UF).
Програмата вклучуваше изложбен салон на UF дизајнери, семинари и работилници на тема “Дигитализација. Бренд менаџмент “, како и настан за вмрежување при што дизајнерите имаа можност да добијат значајни информации за контакт за развој на нивниот бизнис.
Македонската модна дизајнерка Теодора Митровска беше еден од поканите дизајнери кои ја отворија модна недела во Рига со колекцијата “Ние не сме машини”.
Колекцијата е инспирирана од текстилни работници и е критика на брзата мода и условите во кои истата се произведува. Преку креациите се преиспитува тенката линија помиѓу човек и машина по која, за жал, многу од овие работници се движат. За оваа цел во колекцијата се среќаваат парчиња од неконвенционални материјали како ПВЦ, индустриска гума и цврста пластика кои го трансформираат телото во натчовечко.
По модната ревија во Латвија, колецијата беше презентирана за време на осумнаесеттиот Моден викенд Скопје, на 2 ноември 2018 година.

Фотографиите од Riga Fashion Week се во сопственост на © Marcis Gaujenietis и Baltic Fashion Federation